#дијалектен континуум
Explore tagged Tumblr posts
jazicharnica · 4 years ago
Text
Осум особини на македонскиот стандарден јазик што ги нема во бугарскиот стандарден јазик
Македонскиот и бугарскиот јазик заедно ја сочинуваат источната гранка на јужнословенските јазици и се соседи во јужнословенскиот дијалектен континуум. Тоа значи дека низ дијалектите на овие два јазика може да се најдат голем број заеднички јазични особини, кои може да бидат понагласени во некои дијалекти или воопшто да не постојат во други. Поради тоа, во овој и во следниот текст ќе се фокусираме само на стандардните варијанти на двата јазика и тоа на особините по кои се разликуваат.
Предмет на овој текст се структурните разлики помеѓу двата јазика, а не разликите во зборовите што се дел од нив. Имено, варијации во лексиката често постојат и помеѓу дијалектите во рамките на еден јазик, бидејќи фондот на зборови што ги има еден јазик е подложен на разни влијанија поради кои се менува. Од друга страна, структурата на јазикот постепено се менува со развојот на јазикот под влијание на различни фактори: контакт со други јазици, различни процеси на стандардизација итн.
Како резултат на овие промени, македонскиот стандарден јазик денеска има особини што не се среќаваат во бугарскиот стандарден јазик. Еве осум од нив:
1. Определен третосложен акцент
Една од типичните особености на македонскиот јазик е определениот (фиксиран) третосложен акцент. Тоа значи дека акцентот скоро секогаш паѓа на третиот слог од крајот на зборот кај трисложните и повеќесложните зборови, односно на вториот слог од крајот на зборот кај двосложните зборови. За разлика од него, акцентот во бугарскиот јазик е слободен и подвижен, па може да се падне на кој било слог во зборот.
македонски: грáд, грáдот, грáдови, градóвите бугарски: грáд, градъ́т, градовé, градовéте
2. Губење на гласот х
Развојот на македонскиот јазик уште од 16 век бележи процес на постепено исчезнување на гласот х или негова замена со в или ф (шетах → шетав). Овој глас во македонскиот стандарден јазик денес се среќава во некои изворни словенски зборови (храна, храброст) и во заемки од интернационалната лексика (хемија, хигиена), но исчезнал од почетната и меѓувокалната позиција, како и од глаголскиот систем. Сите тие се позиции на кои гласот х и денес се среќава во бугарскиот стандарден јазик.
македонски: убава, снаа, бев бугарски: хубава, снаха, бях
3. Троен определен член
Македонскиот стандарден јазик е единствениот стандарден словенски јазик во кој постои тројниот определен член: форми за општа определеност (-та, -от, -то, -те, -та), форми за определеност кога предметот или личноста се блиску до говорителот (-ва, -ов, -во, -ве, -ва) и форми за определеност кога се далеку од говорителот (-на, -он, -но, -не, -на). Во бугарскиот стандарден јазик постои само категоријата за општа определеност, со форми за женски, машки и среден род и за множина. Во рамките на машкиот род постојат две форми на членот, но нивната употреба зависи од функцијата на именката во реченицата, а не од просторната или од временската определеност.
македонски: соба → собата, собава, собана; собите, собиве, собине бугарски: стая → стаята; стаите
4. Три форми на показните заменки
Слично како кај членот, и показните заменки во македонскиот стандарден јазик имаат три форми: за посочување блиски предмети и лица (оваа, овој, ова, овие), подалечни предмети и лица (онаа, оној, она, оние) и посочување без просторна и временска определеност (таа, тој, тоа, тие). Во бугарскиот стандарден јазик постојат само две категории: блискост (този/тоя, тази/тая, това/туй, тези/тия) и оддалеченост (онзи/оня, онази/оная, онова/онуй, онeзи/ония).
македонски: тоа списание, ова списание, она списание бугарски: това списание, он��ва списание
5. Множина со -иња во среден род
Во македонскиот стандарден јазик, некои именки од среден род што завршуваат на -е образуваат множина со наставката -иња. Во бугарскиот јазик, именките од среден род што завршуваат на -е најчесто образуваат множина со наставката -(е)та или -(е)на, а наставката -иња воопшто не постои.
македонски: море → мориња, име → имиња бугарски: : море → морета, име → имена
6. Две минати неопределени времиња – со сум и со има
Македонскиот стандарден јазик е единствениот стандарден словенски јазик во кој постои минато неопределено време (т.н. перфект) што се образува со помошниот глагол има и глаголска придавка во среден род. Ова граматичко време во лингвистиката го нарекуваме има-перфект и може да се спореди со времето present perfect во англискиот, Perfekt во германскиот и passé composé во францускиот јазик. Ваквата конструкција на има со глаголска придавка постои и во некои нестандардни форми на бугарскиот јазик, но не е дел од стандардниот јазик и не е толку развиена и широко распространета како во македонскиот.
македонски: Ги имам прочитано сите негови книги.
7. Глаголски придавки од сите глаголи
Оваа интересна одлика на македонскиот јазик произлегува од постоењето на има-перфектот (види во претходната точка), кој може да се употреби со сите глаголи. Поради тоа, глаголска придавка (види ги примерите подолу) може да се образува од сите глаголи, без оглед на тоа дали се преодни или непреодни, повратни или неповратни, свршени или несвршени. Од друга страна, во бугарскиот стандарден јазик постојат само глаголски придавки од преодни и повратни глаголи, бидејќи нивната употреба е секогаш поврзана со врската помеѓу глаголот и директниот предмет (а непреодните глаголи немаат директен предмет).
македонски: пишува → пишуванo, напише → напишанo, дојде → дојденo бугарски: пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → /
8. Задолжително удвојување на предметот
Задолжителното удвојувањето на директниот и индиректниот предмет е интересна и уникатна карактеристика на македонскиот јазик. Тоа значи дека секогаш кога како дел од предметот во реченицата се јавува определена именка (на пример членувана именка или лично име), неа мора да ја придружува и кратка заменска форма. Таа се согласува со именката по лице, род и број, а во различните форми за директен и индиректен предмет се гледаат остатоци од падежниот сист��м својствен за повеќето словенски јазици. Во бугарскиот стандарден јазик ова удвојување е незадолжително и ограничено на примери кога треба да се истакне односот на елементите во реченицата.
македонски: Веќе ја напишав статијата.                          Учителoт им зборува на учениците. бугарски: Написах вече статията.                     Учителят говори на учениците.
Ова се осум од јазичните особини на македонскиот стандарден јазик што го прават различен од бугарскиот – во продолжение откријте ги и особеностите на бугарскиот јазик што ги нема во македонскиот јазик.
3 notes · View notes
jazicharnica · 4 years ago
Text
Осум особини на бугарскиот стандарден јазик што ги нема во македонскиот стандарден јазик
Во претходниот текст разгледавме некои особини на стандардниот македонски јазик што ги нема во стандардниот бугарски јазик. Иако во двата јазика постојат многу особини по кои се разликуваат, одлучивме предмет на споредба да ни бидат структурните разлики меѓу македонскиот и бугарскиот, бидејќи токму во нив се гледа нивниот различен историски развој. Овојпат издвојуваме осум интересни појави со кои се одликува бугарскиот стандарден јазик, а кои не се среќаваат во македонскиот стандарден јазик.
1. Шест самогласки
Во гласовниот систем на македонскиот стандарден јазик јасно се разграничуваат пет самогласки, додека во бугарскиот стандарден јазик постојат шест. Таа шеста самогласка во бугарскиот јазик се изговара слично на гласот што во македонскиот стандарден јазик се бележи со апостроф (’). Ако употребиме пример од македонскиот јазик, тоа е самогласката во првиот слог на зборот к’смет, која звучи како „затемнето“ а (затоа се нарекува темен глас). Во бугарскиот стандарден јазик оваа самогласка е многу распространета и е целосно рамноправен дел од гласовниот систем. Во македонскиот стандарден јазик таа се појавува прилично ретко и најчесто во зборови од туѓо потекло, па затоа не се смета за дел од гласовниот систем (иако е навистина доста застапена во македонските дијалекти).
бугарски: път, сън, България, Въчков (презиме)
македонски (за споредба): пат, сон, Бугарија, В’чков
2. „Меки“ и „омекнати“ согласки
Бугарскиот е единствениот јужнословенски јазик во чиј гласовен систем согласките може да имаат т.н. тврда и мека варијанта (особини што не се поврзани со звучноста на согласките). Колку за споредба, во македонскиот јазик за меки гласови се сметаат само ќ, ѓ, њ, љ и ј. Процесот на омекнување на гласовите (палатализација) постоел уште во старословенскиот јазик, но во развојот на македонскиот јазик престанал да се одвива уште многу одамна. Како резултат на тоа, во бугарскиот јазик денеска постојат зборови во кои се јавуваат меки согласки, а на истото место во соодветните зборови во македонскиот јазик тие согласки се тврди (погледнете ги примерите подолу). Покрај тоа, вакво омекнување некогаш се слуша и во говорениот бугарски стандарден јазик, на пример кај согласките по кои следува и или при брзо зборување. 
бугарски: бял, вяра
македонски (за споредба): бел, вера 
3. Кратка и долга форма на определениот член
Во бугарскиот јазик постојат две форми на определениот член во машки род: долга и кратка форма. Нивната употреба во стандардниот јазик зависи од функцијата на именката (односно именската група) во реченицата. Долгата форма на членот (-ът или -ят) се употребува кога именката од машки род настапува како подмет или именски дел од глаголско-именскиот прирок. Ако именката има друга функција во реченицата (на пример предмет), се користи кратката форма на членот (-а или -я).
Во македонскиот јазик ваква разлика не се прави во ниту еден од трите рода, па за именките од машки род постои само формата -от (покрај, се разбира, другите две форми на тројниот определен член). Всушност, оваа карактеристика на бугарскиот јазик многу потсетува на видливи остатоци од падежниот систем, кој постоел во старословенскиот јазик.
бугарски: Професорът е много умен. (именката е во улога на подмет)                     Видях професора. (именката е во улога на директен предмет)
македонски: Професорот е мног�� паметен.                         Го видов професорот. 
4. Менливи форми на честичките ќе и би
Во македонскиот стандарден јазик идните глаголски времиња се образуваат со честичката ќе, а можниот начин со честичката би – при што двете честички се неменливи т.е. ја имаат само таа форма. За разлика од македонскиот јазик, во бугарскиот стандарден јазик идните глаголски времиња и можниот начин се образуваат со менливи форми на помошните глаголи ща и съм соодветно. Така, во зависност од лицето и бројот, во бугарскиот постојат неколку различни форми, кои во македонскиот воопшто ги нема.
македонски: ќе дојде, ќе дојдеше, ќе дојдел бугарски: ще дойде, щеше да дойде, щял да дойде
македонски: јас би дошол, тој би дошол, ние би дошле... бугарски: аз би�� дошъл, той би дошъл, ние бихме дошли ...
5. Менување на коренот кај некои несвршени глаголи
Како и сите словенски јазици, и македонскиот и бугарскиот разликуваат свршени и несвршени глаголи. Меѓутоа, во македонскиот стандарден јазик изведувањето несвршени глаголи од нивниот свршен пар се одвива само со наставка, а не со промена на самогласката во коренот на глаголот, како во бугарскиот јазик. Во македонскиот јазик таа промена (редување) на самогласката во коренот на зборот веќе не се случува.
македонски: отвори → отвора; скокне → скока, изгори → изгорува
бугарски: отвори → отваря; скочи → скача, изгори → изгаря
6. Присвојност со кратки заменски форми
Еден од начините за изразување присвојност и во македонскиот и во бугарскиот јазик е со употреба на кратките заменски форми за индиректен предмет (на македонски тоа се: ми, ти, му, ѝ, ни, ви и им). Во бугарскиот стандарден јазик ваквата употреба на кратките заменски форми (која во лингвистиката ја нарекуваме посесивен датив) е многу распространета и може да се користи со сите именки, а именката е секогаш членувана (исклучок се само некои роднински зборови). За разлика од бугарскиот, во македонскиот стандарден јазик ваква присвојност може да се изрази само со многу ограничен број именки, кои, пак, не смеат да бидат членувани.
македонски: мојот син →  син ми, неговата девојка → девојка му,                         нивната куќа → /
бугарски: моят син →  синът ми, неговата приятелка → приятелката му,                     тяхната къща → къщата им
7. Различни прашални и односни заменки
Во бугарскиот стандарден јазик постои јасна разлика помеѓу прашалните и односните заменки. Односните заменки се образуваат од прашалните заменки со додавање на наставката -то, па така овие два вида заменки се организирани во систем. Од друга страна, во македонскиот стандарден јазик сликата не е толку јасна. На некои од прашалните заменки при образувањето односни заменки може да им се додаде што, меѓутоа овој процес не е задолжителен и систематизиран, а употребата на различните форми зависи од повеќе фактори.
бугарски: кой? какво? кога? къде? как? (прашални заменки)                     който; каквото; когато; където; както (односни заменки)
македонски: кој? што? кога? каде? како?                         што или кој(што); кога; каде што или кајшто; како што
8. Неличната глаголска форма на -щ
Во стандардниот бугарски јазик постои нелична глаголска форма што активно се употребува, а ја нема во македонскиот јазик. Тоа е т. н. сегашно деятелно причастие, глаголска придавка што се образува од несвршени глаголи во сегашно време со наставките -ащ/-ещ/-ящ. Значењето на оваа форма може во некои случаи да се спореди со англиските глаголски придавки на -ing (speaking, barking), додека во недостиг на соодветна форма на македонски, значењето најблиску може да се пренесе со односна реченица со што.
бугарски: Уважавам хората, говорещи няколко езика.                     Уплаших се от лаещите кучета.
македонски (за споредба): Почитувам луѓе што зборуваат повеќе јазици.                                                      Се уплашив од кучињата што лаеја.
1 note · View note
jazicharnica · 4 years ago
Text
Јазик или дијалект?
Едно од најзбунувачките прашања во лингвистиката, особено за луѓето што не се занимаваат со неа, се однесува на тоа која е разликата помеѓу поимот јазик и поимот дијалект.
Проблемот лежи во тоа дека не постои јасна граница помеѓу двете нешта. На прв поглед звучи јасно: под јазик подразбираме стандарден јазик, а наспроти него постојат дијалектите кои се зборуваат на територијата на една држава. Сепак, поделбата воопшто не е толку едноставна (а оваа поделба не е ни сосема точна).
Прво мора да се разјасни дека во рамките на еден јазик влегуваат и стандардниот јазик и различните нестандардни варијанти (вклучувајќи ги дијалектите). Ова дополнително ја усложнува разликата меѓу јазик и дијалект, бидејќи едно од значењата на поимот дијалект се однесува и на локалните нестандардни варијанти кои се дел од еден јазик (т.е. јазик како поим го содржи поимот дијалект).
Освен тоа, постојат уште многу фактори што придонесуваат кон комплексноста на целата приказна. Да го разгледаме подетално ова прашање од неколку различни гледни точки.
Јазично потекло
Кога два јазика имаат различно потекло, не е воопшто спорно дека се работи за различни јазици. На пример, арапскиот и финскиот јазик се посебни јазици бидејќи немаат заеднички јазичен предок. Сепак, често за посебни јазици ги сметаме и јазиците што се сродни меѓу себе, како на пример шпанскиот и италијанскиот. Латинскиот јазик им е непосреден заеднички предок на овие два јазика, а нивните говорители низ вековите често доаѓале во близок контакт. Меѓутоа, и двата јазика поминале свој пат на развој низ стотици години, па денес секој од нив има посебна граматика, посебен систем на гласови и фонд на зборови. И покрај нивната заедничка историја, ги сметаме за посебни јазици бидејќи и шпанскиот и италијанскиот јазик со векови се развивале во посебни правци.
Географски фактори
Кога на едно поголемо географско подрачје се зборуваат повеќе сродни јазици, тоа најчесто значи дека тие историски се рашириле од една почетна точка низ целото подрачје. Со ширењето на населението од една територија на друга и природниот развој на народниот јазик дошло до создавање на различни дијалекти, кои постепено се развивале во посебни јазици.
Замислете си подрачје на кое се зборуваат дијалектите означени на сликата со бројки од 1 до 6, така што со нивната местоположба еден до друг обликуваат замислен ланец. За потребите на овој пример замислете си дека секој го зборува само својот дијалект и нема претходни познавања од другите дијалекти во ланецот. Луѓето што го зборуваат дијалектот 1 без проблем се разбираат со нивните соседи што го зборуваат дијалектот 2; говорителите на дијалектот 2 исто толку лесно се разбираат и со тие што зборуваат на дијалект 1 и со тие што зборуваат на дијалект 3 – всушност, сите се разбираат со најблиските соседи кон лево или десно. Тоа е така бидејќи соседните дијалекти делат многу заеднички јазични особини, а разликите не го попречуваат меѓусебното разбирање. Меѓутоа, дијалектите што се малку пооддалечени еден од друг не се веќе толку слични; 3 и 5 можат да се разберат, но разликите се позабележителни. На истиот начин, ако се сретнат говорители на дијалектите 3 и 6, тие веќе се разбираат само ако зборуваат побавно и појасно, итн. Во комбинација и со некои други фактори (освен меѓусебното разбирање), најооддалечените дијалекти 1 и 6 може да се сметаат веќе за различни јазици, бидејќи иако се постепено поврзани меѓу себе, нивните говорители не се разбираат кога зборуваат секој на својот говор.
Tumblr media
Ваквата појава кога постои постепено „прелевање“ на јазични особини од еден дијалект во друг се нарекува дијалектен континуум. Ова е појава што се среќава во различни јазични фамилии на различни места во светот: на пример, јужнословенскиот дијалектен континуум (во кој спаѓа и македонскиот јазик) ги покрива териториите на сите држави каде што се зборуваат јужнословенски јазици и дијалекти од Словенија па сѐ до Бугарија; скандинавскиот континуум ги опфаќа шведскиот, данскиот, норвешкиот, фарскиот и исландскиот јазик (заедно со сите нивни дијалекти); арапскиот континуум се протега на огромно подрачје што ги покрива цела Северна Африка, целиот Арапски Полуостров и некои од околните земји од Блискиот Исток, итн. Тука е важно да се нагласи дека кога зборуваме за дијалектен континуум на едно подрачје зборуваме само за јазиците т.е. дијалектите што се сродни меѓу себе, дури и кога на истото подрачје постојат и се користат и некои други јазици. Во такви случаи, употребата на терминот континуум не ги исклучува останатите несродни јазици.
Во секој дијалектен континуум јазичните особености се толку испреплетени низ дијалектите што станува многу тешко да се одреди каде точно започнува односно завршува одреден јазик. Може да се обидеме да го замислиме континуумот како на сликата долу, на која левата страна е обоена во розовo, а десната во синo; на средината двете бои постепено се мешаат, па како резултат се прелеваат повеќе различни нијанси на виолетово. Но, каде точно започнува виолетовото од двете страни? Проблемот е што не можеме прецизно да кажеме која е точната граница меѓу розовото и виолетовото односно виолетовото и синото.
Tumblr media
Така и во дијалектниот континуум јазичните карактеристики се преплетуваат меѓу различните дијалекти, па не може да се каже дека му припаѓаат само на еден од нив, а уште помалку дека му припаѓаат само на еден од посебните јазици. Меѓу различните „нијанси“ во континуумот не постојат строги граници, па затоа при дефинирањето на границите на еден јазик мора да се послужиме и со други критериуми (за кои ќе пишуваме подолу).
��ако последица на ова, границите на еден јазик најчесто не се поклопуваат со границите на државата во која се зборува тој јазик. Ако се навратиме на визуелниот приказ на македонските дијалекти од претходната објава, гледаме дека на мапата е обоено целото подрачје каде што луѓето го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик. Покрај тоа, забележуваме дека боите на трите наречја не згаснуваат нагло на север и на исток, туку постепено се прелеваат во соседниот јазик од дијалектниот континуум – на север во српски, а на исток во бугарски.
Tumblr media
Општествено-политички фактори
Сѐ досега зборувавме за релативно објективни нешта, како географското подрачје на кое се протега еден јазик или дијалект, јазичните особености на дијалектите за кои станува збор и меѓусебното разбирање помеѓу луѓето што зборуваат сродни дијалекти кои се дел од дијалектен континуум. Покрај овие фактори, при одлучувањето дали еден дијалект ќе го добие „статусот“ на јазик често се одлучувачки некои други, покомплексни критериуми, кои спаѓаат во областа на социолингвистиката и применетата лингвистика, бидејќи се тесно поврзани со општествено-политичкиот контекст на тој дијалект односно јазик.
Пред сѐ, мора да се нагласи дека јазикот на една заедница е тесно поврзан со идентитетот на луѓето во заедницата и нивното чувство на припадност. Од чувството на идентитет произлегува правото на самоопределување како посебна заедница со свој јазик различен од тој на другите заедници во општеството. Поради ова, доколку припадниците на заедницата т.е. самите говорители сметаат дека нивниот јазик е посебен ентитет (односно целина сама по себе, а не само дел од некоја друга целина), правото на самоопределување значи дека може да се занемарат објективните причини што би го определиле нивниот јазик за дијалект. Важи и обратното – ако припадниците на една заедница сметаат дека дијалектот што го зборуваат припаѓа на поголемата целина на еден јазик, дури и кога формално значително се разликува од другите дијалекти на тој јазик, нивното право на самоопределување мора да се почитува.
Покрај тоа, важна е и врската помеѓу јазикот и државата. Често кога се отвора ова прашање се спомнува еден познат цитат од лингвистот Макс Вајнрајх: „Јазик е дијалект со армија и морнарица“. Низ историјата многу јазици се сметале за дијалекти само бидејќи немале своја држава, дури и кога јазичните особености ги издвојувале од соседните сродни јазици. При признавањето на статусот на еден јазик често доаѓа до отворање на контроверзни прашања во кои општествено-политичките околности се многу поодлучувачки од степенот на лингвистички разлики присутни меѓу јазиците.
Значи, јазик или дијалект?
Иако звучи логично да се почитуваат само објективните географско-јазични околности, во праксата тоа едноставно не е можно. Од сите овие фактори што ги наведовме погоре може да произлезат најразлични случаи, кои ќе ги илустрираме со неколку примери од европската јазична реалност:
Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат на мала територија во рамките на поголема држава. Ваков пример е баскискиот јазик, кој се зборува во регионот Баскија околу западниот дел на границата меѓу Шпанија и Франција. Баскискиот јазик нема заедничко потекло со ниту еден друг европски јазик, па неговиот статус како посебен јазик не може да се оспори.
Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат во повеќе различни држави. Еден таков пример е ромскиот јазик, кој е мајчин јазик на милиони луѓе низ цела Европа и се зборува секаде каде што живеат Роми. Ромскиот јазик е толку распространет што има голем број свои дијалекти, кои се разликуваат во зависност од тоа каде живеат неговите говорители.
Постојат јазици што се зборуваат на толку голема територија и имаат толку многу дијалекти што често се случува луѓето да не се разбираат меѓу себе. На пример, човек од северот на Германија би имал проблеми да се разбере со човек од Швајцарија, иако и двајцата би рекле дека нивниот мајчин јазик е германски. Германскиот е мајчин јазик и службен јазик во повеќе држави, па нормално е дека постојат повеќе варијанти што може прилично да се разликуваат меѓу себе.
Постојат јазици што се многу слични меѓу себе, но нивните говорители ги сметаат за одделни јазици. Правото на посебен идентитет и јазик може да биде засилено со постоењето на посебна држава, во која јазикот на заедницата има статус на службен јазик. Овие случаи се често контроверзни, како што ни е познато од примерот на српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик, кои се денес четири стандардни јазици во рамки на јужнословенскиот дијалектен континуум.
Дури откако ќе се земат предвид сите овие околности станува јасно зошто ова прашање е толку комплицирано. Кога статусот на еден јазик не е потполно разрешен, мора да се разгледаат главните аспекти: јазичното потекло, географските и општествено-политичките фактори. Тие придонесуваат за појаснување на посебноста на еден јазик, но за жал ретко доведуваат до заклучок кој ќе биде прифатлив за сите засегнати страни. Во секој случај, пред сѐ мора да се слушне гласот на заедницата чиј јазик се разгледува и едно вакво отворено прашање да се проучи од сите гледишта за да се разбере целосниот контекст.
1 note · View note